Зајакнување на мрежата за интеграција на ОИЕ преку изградба на нови трансформаторски станици и далекуводи; модернизација и дигитализација на мрежата, поврзување со соседните преносни оператори, интеграција во регионалниот енергетски пазар и зголемување на сигурноста на снабдувањето, се дел од клучните приоритети од Планот за развој на електропреносниот систем за периодот 2025-2035 година, кој беше презентиран на денешната јавна расправа.
Претставници на енергетските компании, Регулаторната комисија за енергетика, МАНУ и приватни инвеститори дискутираа за насоките и приоритетите за развој на електропреносната мрежа кои компанијата ги планира за да се задоволат потребите на домашната економија и да се обезбеди непречена интеграција на ОИЕ.
Новиот План за развој, подготвен од Службата за стратешко планирање и развојни анализи и Службата за приклучоци , е наша гордост бидејќи ги содржи сите наши планови и визии за обезбедување сигурен, доверлив и модерен електропреносен систем , рече генералниот директор Бурим Љатифи.
Овој План за развој доаѓа во период на огромни предизвици во енергетиката, во период кога има наплив на барања за интеграција на ОИЕ. Ова е документ кој предвидува многу развојни проекти кои треба да обезбедат стабилно водење на системот, подобра испорака и квалитет на електрична енергија и приклучување на други извори на енергија, рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
АД МЕПСО е препознаено во регионот како лидер во енергетиката, рече претставникот од Министерството за енергетика, Валентина Старделова. Освен обновливите извор на енергија, во периодот што следи АД МЕПСО ќе се справува и со предизвиците кои ги наметнува воведувањето на батерискиот систем во преносната мрежа.
Со континуирани инвестиции во зајакнување, проширување, модернизација и дигитализација на мрежата ќе бидеме подготвени за предизвиците кои доаѓаат од интеграцијата на ОИЕ и нивното управување, рече Бранка Васиќ од Службата за стратешко планирање и развојни анализи.
За реализација на проектите предвидени со Планот за развој, ќе се користат сопствени средства на АД МЕПСО и средства обезбедени со заеми од ЕБОР и грантови од WBIF (Western Balkan Investment Framework) и CIF (Climate Investment Fund).