Во годината кога АД МЕПСО одбележува 20 години постоење, компанијата се соочува со бројни предизвици и можности кои го дефинираат не само нејзиниот иден развој туку и стабилноста на целиот енергетски систем на Северна Македонија. Преносниот систем останува клучна алка во обезбедувањето на стабилно снабдување со електрична енергија, особено во време кога енергетската криза, климатските промени и европските обврски во однос нa интеграција на пазарот, преносната мрежа и обновливите извори на енергија, бараат брзи и стратешки одлуки. За стратешките инвестиции во преносниот систем, интеграцијата на ОИЕ и плановите за идниот развој, зборуваме со директорот на АД МЕПСО, Д-р. Бурим Љатифи.
Во август 2024 год. се фативте во костец да бидете прв човек на АД МЕПСО. Колкав беше предизвикот од професорската позиција, да застанете на чело на државна енергетска компанија каде промените брзо се случуваат и се потребни темелни и одговорни одлуки?
Да се прифати позицијата прв човек на АД МЕПСО, пет месеци пред истекот на 2024 година, беше голем предизвик, но истовремено и голема чест и одговорност. Преодот од академската средина, каде што работев како професор и се занимавав со истражувања, кон водење на национална електропреносна компанија, не беше само професионална промена туку и лична трансформација.
Како професор, фокусот ми беше на анализа, подучување и развој на идните генерации, но тука во МЕПСО, одговорноста е поголема бидејќи одлуките што се носат директно влијаат на стабилноста и сигурноста на енергетскиот систем во земјата. Се соочуваме со динамични промени во енергетскиот сектор на глобално и регионално ниво, што бара постојана адаптација и донесување брзи, но и добро анализирани и одговорни одлуки.
Енергетскиот сектор денес е под притисок на повеќе фактори – енергетска транзиција кон обновливи извори, дигитализација, растечки енергетски потреби и глобални климатски предизвици. Во МЕПСО овие прашања не само што ги анализираме туку и активно работиме на решенија кои ќе овозможат стабилност и модернизација на нашата електропреносна мрежа.
Нашата цел е да обезбедиме стабилност на системот и да работиме на негов развој, воведувајќи нови технологии, зајакнувајќи ја инфраструктурата и зголемувајќи ја довербата кај јавноста. Се радувам што и покрај кусиот период на оваа позиција, веќе гледам прогрес во реализацијата на проектите за модернизација, како и во посветеноста на тимот на МЕПСО, менаџментот и на сите вработени кои се клучен столб на оваа компанија. Во носењето на секоја одлука се раководам од одговорноста што ја имам како менаџер на државна компанија од витално значење за земјата, но и како човек кој сака да остави трага во трансформацијата на енергетскиот сектор во нашата земја.
Каква година очекувате на енергетски план во ситуација кога цените на електричната енергија на светските берзи постојано растат, ЕСМ увезува струја, расте потрошувачката а хидро акумулациите не се на завидно ниво?
Енергетскиот сектор во нашата земја ќе биде пред голем предизвик во оваа 2025 година, особено во контекст на глобалните движења на цените на електричната енергија и локалните околности. Во такви услови, АД МЕПСО како клучен дел од енергетскиот систем, има обврска да обезбеди сигурен и стабилен пренос на електрична енергија. Ова го постигнуваме преку тесна соработка со сите субјекти во енергетскиот сектор, особено со ЕСМ и снабдувачите, за прецизно планирање и управување со енергетскиот биланс.
Фокусот годинава ќе биде ставен на зголемување на ефикасноста во системот и минимизирање на загубите, но и на обезбедување итни интервенции таму каде што е потребно, особено во случаи на евентуални прекини во снабдувањето или зголемена побарувачка.
Дополнително, ситуацијата со хидро акумулациите бара рационално управување со овој ресурс. Ќе биде неопходно да се вложат максимални напори за оптимално искористување на достапните домашни капацитети, како и навремено увезување на електрична енергија кога тоа е потребно. Притоа, треба да се обезбеди финансиска одржливост и да се минимизираат трошоците за увоз, имајќи предвид дека тоа директно влијае на буџетот на државата и крајните потрошувачи.
И покрај предизвиците, ова претставува и можност за дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија и модернизација на инфраструктурата. Решени сме да ја забрзаме транзицијата кон одржлив енергетски систем и да вложиме во дигитализација и автоматизација, што долгорочно ќе ја зголеми стабилноста на мрежата и ќе ги намали оперативните трошоци.
Очекуваме година полна со предизвици, но и со можности да покажеме дека можеме успешно да се справиме со нив. Со соодветно планирање, одговорност и координација, уверени сме дека ќе обезбедиме стабилен и сигурен енергетски систем за сите граѓани и компании во земјата.
Стратешки чекори кон стабилен и доверлив енергетски систем
За разлика од првите два квартали од 2024 год. кога Друштвото прокнижи загуби, третиот квартал заврши во плус. Која е патеката која треба да гарантира продуктивни инвестиции во насока на градење и управување на стабилен и доверлив електропреносен систем на најтранспарентен начин?
Фактот што третиот квартал од годината го завршивме со позитивен финансиски резултат покажува дека стратегијата и промените во управувањето кои ги воведовме даваат резултати. Од првиот ден, фокусот беше ставен на зголемување на ефикасноста, рационализација на трошоците и подобрување на оперативните процеси. Идентификувавме слабости кои беа наследени од претходното раководство и презедовме итни мерки за нивно надминување.
Патеката за продуктивни инвестиции ја гледаме низ неколку клучни приоритети. Првенствено во инфраструктурни инвестиции бидејќи одржувањето и модернизацијата на електропреносната мрежа е основа за стабилен и доверлив систем. Работиме на реализација на капитални проекти за реконструкција и изградба на нови трансформаторски станици и далекуводи, како и на воведување современи технологии за мониторинг и управување со мрежата. Како компанија од јавен интерес, нашата обврска е секоја инвестиција да биде максимално транспарентна. Ја зајакнавме контролата врз јавните набавки, воведовме механизми за спречување на неправилности и секој наш чекор е јасно документиран и достапен за јавноста.
Преземавме конкретни мерки за подобрување на ликвидноста и рационално користење на средствата а паралелно работиме и на привлекување дополнителни средства преку европски фондови и партнерства со меѓународни институции за финансирање на нови клучни проекти. Истовремено, активно работиме на интеграција на обновливи извори на енергија во преносниот систем, процес кој бара не само технички надградби туку и проактивно планирање, за да обезбедиме капацитет за стабилен пренос на електричната енергија од новите производствени извори.
Целта ни е не само да остваруваме краткорочни финансиски успеси, туку и да изградиме одржлив систем кој ќе биде столб на економијата и сигурен партнер за граѓаните и стопанството. Нашата визија е стабилен, доверлив и модерен електропреносен систем, кој ќе се развива врз основа на транспарентност, одговорност и иновации.
Оваа година во знакот на големиот јубилеј 20 години АД МЕПСО, ја започнавме со пуштање под напон на новиот 400/110 kV трансформатор во ТС Битола 2, но од друга страна го раскинавте договорот за изградба на интерконективниот далекувод со Р. Албанија. Кои се активностите што се преземаат за да се вратат работите на посакуваниот колосек?
Навистина сме задоволни што годината во која ја одбележуваме 20-годишнината на АД МЕПСО, ја започнавме со пуштањето под напон на новиот 400/110 kV трансформатор во ТС Битола 2. Овој инфраструктурен објект е круцијален дел од енергетската инфраструктура бидејќи со него се обезбедува стабилно снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството во Охрид, Струга, Ресен, Битола и Прилеп, и се зајакнува отпорноста и доверливоста на преносниот систем воопшто. Нашата мрежа беше изложена на сериозен ризик, особено поради дефектите на двата трансформатори, што создаде реална опасност од колапс на целиот електроенергетски систем.
Паралелно со овој проект, работиме и на други клучни активности кои ќе ја зајакнат стабилноста на нашата мрежа, како што е реконструкција на постоечките далекуводи и трансформаторски станици.
Што се однесува до раскинувањето на договорот за изградба на интерконективниот далекувод со Република Албанија, тоа беше неопходна одлука. Причините за раскинување беа идентификувани во недостатокот на соодветна реализација од страна на изведувачот, што можеше да има сериозни последици за роковите и квалитетот на проектот. Нашата примарна цел е да обезбедиме сите инфраструктурни проекти да се реализираат во согласност со највисоките стандарди и во зададените рокови.
По раскинувањето на договорот, започнавме целосна ревизија на проектот за интерконективниот далекувод. Во тек е подготовка на нова тендерска документација која ќе вклучува строги критериуми за избор на изведувач, со цел да се избегнат слични проблеми во иднина. Истовремено, формиравме специјален тим кој ќе ги надгледува сите аспекти на проектот, од планирање до изведба, со фокус на квалитет и ефикасност. Овој проект е од стратешко значење за целиот регион. Во тој контекст остануваме во постојана комуникација со албанските партнери, како и со надлежните институции во рамки на ЕУ и други меѓународни институции кои го поддржуваат проектот, за да обезбедиме координираност и поддршка во реализацијата.
Градењето на интерконективниот далекувод со Албанија инаку е еден од најзначајните проекти за енергетска поврзаност во регионот и решени сме да го завршиме успешно. Овој проект не само што ќе ја подобри сигурноста на снабдувањето туку ќе овозможи и поефикасен пренос на електрична енергија меѓу двете земји, што е од витално значење во енергетската транзиција на целиот регион. Со преземените мерки и посветеност, уверени сме дека ќе ги надминеме сите можни пречки и проектот ќе го реализираме според планот.
Да резимирам, раскинувањето на договорот со изведувачот – „Енергоинвест”, всушност претставува почеток на завршување на овој многу значаен проект.
Кои инвестиции во преносниот систем ќе бидат во фокусот на Друштвото во 2025 год.? Каква динамика очекувате во реализација на проектите за да, од една страна се овозможи енергетска транзиција на навремен и безбеден начин, а од друга, да се зачува стабилноста на електропреносниот систем?
Главниот фокус на АД МЕПСО годинава ќе бидат инвестициите во модернизација и развој на преносниот систем. Нашиот приоритет е да реализираме проекти кои ќе ја зајакнат инфраструктурата, ќе овозможат интеграција на обновливите извори на енергија и ќе создадат услови за поефикасно и сигурно управување со електропреносната мрежа.
Покрај изградбата на интерконективниот далекувод со Албанија, во нашиот фокус ќе биде модернизација и надградба на постојните трансформаторски станици како и реконструкција на постоечките далекуводи кои се од критична важност за стабилноста на системот. И секако, зајакнување на преносниот ( евакуациски) капацитет на мрежата во регионите каде што се очекува зголемена побарувачка или производство. Инвестициите ќе бидат насочени кон создавање услови за поврзување на нови капацитети за производство на енергија од обновливи извори, што вклучува изградба на нова инфраструктура за приклучок на ветерни и соларни електрани, како и зголемување на капацитетот за пренос во регионите со потенцијал за производство.
Ќе продолжиме со имплементација на системи за дигитално управување со мрежата, вклучувајќи SCADA системи за мониторинг и контрола во реално време. Овие технологии се клучни за навремена и безбедна реакција на промените во системот и за ефикасно управување со зголемената динамика на енергетската транзиција.
Работиме на проектот за реконструкција на 110kV далекувод од ТС Битола 2- ТС Прилеп, потоа на проект за набавка на опрема и изградба на подземна инсталација на оптички кабел, се работи на проектот за реконфигурација на мрежата во полошкиот регион а во завршна фаза е подготовката и на проектот за реконструкција на 110kV далекувод од ТС Гостивар преку ТС Осломеј, ТС Кичево, ТС Сопотница до ТС Битола 1.
Поставивме амбициозни, но реалистични рокови за сите проекти, со јасно дефинирани етапи за реализација. Се обезбедуваат дополнителни ресурси за забрзување на процедурите, а особено внимание ќе се посвети на навремено планирање на активностите кои се зависни од меѓународни и домашни партнери. Воведовме засилена координација и управување со проектите, со цел да се избегнат одложувања и да се осигура дека средствата ќе се искористат ефективно.
Со добро дефинирана стратегија, ефективна координација и посветеност на нашите тимови, убедени сме дека во 2025 год. ќе оствариме значаен напредок кон стабилен и модерен електропреносен систем, кој ќе биде подготвен да одговори на потребите на енергетската транзиција.
Како МЕПСО се справува со предизвиците кои со себе ги носи зеленото сценарио од Националната стратегија за развој на енергетиката односно имплементирање на европската регулатива и следење на стратешките определби на ЕУ? Кои се чекорите што ги презема МЕПСО за интегрирање на обновливите извори на енергија во електропреносниот систем?
Интеграцијата на обновливите извори на енергија (ОИЕ) е сложен процес кој бара техничка модернизација, регулаторни промени и финансиски инвестиции. За да можеме да одговориме на зголемените инвестиции во ОИЕ и да обезбедиме можност за нивно интегрирање во системот без притоа да се наруши стабилноста на мрежата, планираме изградба на нова инфраструктура во регионите каде што се лоцирани најголемите потенцијали за производство од соларни и ветерни електрани.
Започнавме со модернизација и проширување на трансформаторските станици за да се обезбеди капацитет за интеграција на новите производствени објекти. Таков пример е изградба на нова трафостаница во близина на Гевгелија и обнова на 110 kV далекувод за да може да се приклучат над 1.000 мегавати од обновливи извори кои во моментов не се во функција поради недоволниот капацитет на мрежата во овој регион. Проектот за интерконекција со Албанија исто така ќе го олесни извозот и увозот на зелена енергија.
Многу значаен за нас е проектот за развој на паметни електроенергетски мрежи, кој го започнуваме во соработка со ЕБОР. Овој проект има за цел да ги унапреди можностите за интеграција на обновливи извори на енергија во земјата а основа е и за идни инвестиции и за справување со предизвиците во електропреносната мрежа. Северна Македонија има цел до 2030 год. да интегрира над 1,7 GW обновлива енергија, а за тоа да се реализира нужно потребна е детална Студија за развој на мрежата во која јасно ќе се адресираат предизвиците за интеграција на ОИЕ. Студиските истражувања треба да послужат за ажурирање на 10-годишниот план за развој на мрежата (TYNDP) и подготовка на робустен инвестициски план за да се овозможи непречена транзиција и на преносната и на дистрибутивната мрежа.
Што се однесува до усогласувањето со европските директиви, МЕПСО ги имплементира стандардите на ЕУ од третиот и четвртиот енергетски пакет, со посебен акцент на правилата за управување со електропреносните системи, транспарентност и недискриминација во пристапот до мрежата. Активно учествуваме и во регионални иницијативи за енергетска поврзаност, како што се проектите поддржани од Енергетската заедница и ЕУ. Преку партнерства со меѓународни финансиски институции, како ЕБОР и ЕИБ, обезбедуваме средства за модернизација на инфраструктурата и развој на зелени проекти.
Предизвик од врвен приоритет е имплементирањето на европската регулатива реализирање на проектот за Market Coupling- ER CACM. До каде е процесот на спојување на пазарите и кои се проблемите кои се на тој пат?
Имплементацијата на Market Coupling, односно енергетско спојување на пазарите, претставува значаен предизвик за АД МЕПСО, но истовремено и можност за целосна интеграција на нашата земја во регионалниот и европскиот електроенергетски пазар. Овој процес е од стратешко значење, бидејќи ќе овозможи ефикасна распределба на капацитетите за пренос на електрична енергија, намалување на трошоците и зголемување на конкуренцијата на пазарот.
Основата за оваа интеграција е поставена преку неколку меморандуми за разбирање. Во 2018 год. Северна Македонија потпиша договор со Бугарија, по што следеа слични договори со Грција, Албанија и Косово. Во 2023 год. беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу сите земји за спојување на пазарите на електрична енергија ден - однапред и создавање на единствен пазар на електрична енергија кој ќе биде поврзан со европскиот пазар.
Сепак, постојат одредени предизвици кои се должат на тоа што во претходниот период многу работи не беа завршени навреме. Како прво, неопходно е донесување на нова законска регулатива. Токму затоа Министерството за енергетика и минерални суровини во изминативе месеци интензивно работеше на подготовка на нов Закон за енергетика, кој се очекува наскоро да се најде во Парламентот. Покрај тоа, потребно е и многу работа и методологии што треба да се усогласат меѓу секоја од земјите во кои се спроведува спојувањето. Тоа се однесува на усогласување помеѓу операторите на електропреносните системи, берзите на електрична енергија, регулаторните тела и министерствата, како и релевантните институции на ЕУ.
Од технички аспект, МЕПСО работи на модернизација на своите системи за управување и мониторинг, вклучувајќи ги ИT инфраструктурата и платформите за размена на податоци во реално време, што се неопходни за успешна интеграција во Market Coupling. Во соработка со меѓународни партнери, работиме на развој и тестирање на системите за размена на податоци, управување со капацитети и оптимизација на трговските процеси. Активно учествуваме во иницијативи на Енергетската заедница за интеграција на пазарите и ги следиме најдобрите практики од земјите кои веќе го имплементирале Market Coupling.
Иако има многу предизвици, се надеваме дека со посветеност и соработка со регионалните и европските партнери, проектот за Market Coupling ќе биде успешно имплементиран. Поврзувањето со европскиот енергетски пазар ќе донесе значителни придобивки како за граѓаните така и за бизнис заедницата, бидејќи ќе го олесни пристапот до прекуграничен преносен капацитет и ќе помогне за стабилизација на цените на електричната енергија, обезбедувајќи пореални и конкурентни цени. Освен тоа, ќе понуди и повеќе можности за набавка на електрична енергија за време на периодите на најголема побарувачка.
Кое е вашето видување за енергетската иднина на земјава? Дали сметате дека некогаш Македонија може да биде енергетски независна?
Енергетската независност е долгорочна цел која бара стратегиски пристап, големи инвестиции и постојана соработка меѓу сите засегнати страни – Владата, енергетските компании, приватниот сектор и граѓаните. Енергетската иднина на нашата земја зависи од нашата способност да спроведеме целосна енергетска транзиција, фокусирана на диверзификација на изворите на енергија, зголемување на производствените капацитети и ефикасно управување со ресурсите. Иако енергетската независност е сложен и амбициозен концепт, со вистински инвестиции, политики и стратешки пристап, оваа цел може да стане реалност на долг рок.
Северна Македонија располага со значителен потенцијал за производство на енергија од сонце, ветер и хидро ресурси. Брзото и стратешко инвестирање во овие технологии ќе ја намали зависноста од увоз на енергија и ќе ја зголеми локалната продуктивност. Во центарот на нашата стратегија треба да бидат соларните и ветерните електрани, како и модернизацијата на хидроелектраните.
Исто така, со намалување на загубите во системот и зголемување на ефикасноста во користењето на енергијата, како во индустријата така и во домаќинствата, односно со примена на современи технологии и политики за енергетска ефикасност, можеме да го намалиме притисокот врз производните капацитети и мрежата.
Притоа, со оглед дека преносниот и дистрибутивниот систем се основа за стабилно снабдување, со значителни инвестиции во модернизација на мрежата ќе се овозможи интеграција на нови производствени капацитети и намалување на ризиците од прекини. Клучни за балансирање на системот ќе бидат технологиите за складирање, како што се батериски системи и акумулациски хидроцентрали, особено заради зголеменото учество на ОИЕ кои се карактеризираат со променливост во производството.
Со развој на домашните капацитети, зголемена енергетска ефикасност и воспоставување регионална соработка, можеме да обезбедиме енергетска стабилност и сигурност за наредните генерации. Нашиот фокус треба да биде на одржливост, економичност и воведување на иновативни решенија кои ќе го поттикнат енергетскиот сектор кон нова ера на развој.