АД МЕПСО се соочува со наплив на барања за приклучоци за обновливи извори на енергија. Одамна е надминато “зеленото” сценарио од националната Стратегија за што говори фактот дека досега се пристигнати барања за приклучување на производни капацитети од 1,3 GW ветерни централи и 4,7 GW фотонапонски електрични централи, рече директорот на подружницата ОЕПС, Борко Алековски на трибината што се одржа во рамки на меѓународната конференција на здружението на енергетичари-ЗЕМАК во Струга.
Интегрирањето на ОИЕ е вистински предизвик за операторите на преносните системи. Компанијата прави долгорочни прогнози и претпоставки колку од тие објекти реално би биле приклучени на мрежата за да може да се направат дополнителни инвестиции за зајакнување на преносната мрежа и за да можат истите да произведуваат електрична енергија. Во моментов работиме на стратешка инвестиција од 1200 MW што треба да се приклучат во штипскиот регион и уште 600 MW во западна Македонија, потенцира тој пред претставниците на енергетските компании и експерти од земјава и од странство.
Во однос на улогата на АД МЕПСО за стабилноста на електроенергетскиот систем во услови на енергетска криза, Алексовски подвлече дека согласно правилата што компанијата ги има во рамки на ENTSO-e, нејзини главни обврски и можности се да обезбеди максималко искористување на внатрешните и интеконективните преносни капацитети како и оптимално искористување на системските резерви.
Во рамки на дводневната конференција АД МЕПСО доби признание за придонес во организација на досегашното работење на ЗЕМАК.