Електропреносниот систем е стабилен и одржлив со минимални отстапувања или отстапувања кои се во рамките на планираното и дозволеното. Во периодот што следи не очекуваме потешкотии во управувањето со системот, и очекуваме ваквиот тренд да продолжи, рече првиот човек на АД МЕПСО, Орхан Муртезани, на денешниот брифинг со новинарите. Правејќи пресек на досега сработеното, тој посочи дека процентот на реализација на планираните инвестиции во 2022 година двојно ги надминува инвестициите во 2021 г. Имено АД МЕПСО оваа година ја завршува со 42, 48% реализација на генералниот инвестициски план наспроти 23 % остварени минатата година. Притоа вкупните трошоци за работење се намалени за 13,4 % а најголемо е намалувањето кај платите и надоместоците за вработените од 9,47 % .
“Плановите се уште поамбициозни за следната 2023 година”, рече Муртезани. Догодина во капитални проекти АД МЕПСО ќе вложи 16 милиони евра сопствени средства и тоа за набавка на нов реактор и нов трансформатор за ТС Дуброво како и за нов SCADA систем во Националниот диспечерски центар.
Во однос на обновливите извори на енергија, Муртезани потенцираше дека компанијата се соочува со наплив на барања за поставување на фотонапонски ФЕЦ електрични централи и ветерни електрани. На преносната мрежа можат да се приклучат 750 MW од ОИЕ, но барањата за приклучоци се десет пати поголеми. “Правиме се што е во нашите можности тие извори на енергија да се приклучат на преносната мрежа во што поголем број но дали и колку ќе може да се зголеми капацитетот на преносната мрежа ќе покажат студиите кои се во тек, сепак тоа не зависи само од МЕПСО туку и од капацитетот на ЕСМ за балансирање”, појасни Муртезани.
Во очекување на одлука на Регулаторната комисија за енергетика дали цената на електричната енергија од 1 јануари ќе претпри измени, АД МЕПСО бара зголемување на регулираната тарифа за 29,75 % што се должи на зголемените цени за покривање на загубите во електропреносната мрежа, на зголемените трошоци за закуп на балансен капацитет и на зголемените цени за покривање на сопствените потреби за електрична енергија. “Се трудевме зголемувањето да биде во рамки на прифатливото но каква и да биде одлуката на регулаторот, учеството на преносната тарифа во крајната цена на електричната енергија не надминува 5 %, напомена Муртезани.
Како резултат на мерките за штедење на електрична енергија кои компанијата ги практикува од почетокот на енергетската криза, во ноември заштедите на АД МЕПСО изнесуваат 14,7% во однос на истиот месец лани. Изразено во пари, вкупните заштеди достигаат 47 000 евра.