АД МЕПСО е еден од клучните чинители кои во следниот период ќе работи на надминување на наталожените имотно-правни проблеми од кои зависи напредокот на капиталните проекти во електропреносната мрежа. Во овој процес на меѓуинституционална соработка ќе бидат вклучени Министерството за енергетика, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за имотно-правни работи.
На состанокот во Министерството за енергетика, директорот на АД МЕПСО Бурим Љатифи посочи дека поради долги и сложени административни процедури за добивање на решенија за имотно-правни прашања и упис на државниот имот во Агенцијата за катастар, закочени се неколку значајни инфраструктурни проекти меѓу кои е изградбата на нова трансформаторска станица во близина на селото Милетково која претставува важен дел од стратегијата за модернизација на преносната мрежа.
“При реализација на ваквите стратешки проекти се соочуваме со сериозни потешкотии пред се поради имотно-правните проблеми, кои директно влијаат на динамиката на изведба. Знаејќи ја важноста на ваквите проекти за енергетската стабилност и интеграцијата на македонскиот енергетски пазар во регионалниот и во европскиот пазар на електрична енергија, нужно потребна е засилена и навремена меѓуинституционална координација и дефинирање на процедури кои ќе ги забрзаат постапките. Со тоа ќе им претходиме на предизвиците а енергетските проекти ќе ги реализираме навремено без одлагања и дополнителни финансиски импликаци”, рече Љатифи.
Ваквата решителност на институциите да се фатат во костец со предизвиците од овој тип, според Љатифи, сигурно ќе доведе до посакуваната цел, забрзана реализација на енергетските проекти кои се клучни за стабилен и доверлив пренос на електрична енергија.