По повод одбележувањето на 15-годишнината од ENTSO-E, операторите на електропреносните системи од Западен Балкан, потпишаа историска заедничка декларација за регионална координација. Оваа Декларација беше поддржана од сите оператори на електропреносните системи на Европската Унија и од операторите од Југоисточна Европа (МЕПСО - Северна Македонија, NOSBIH - Босна и Херцеговина, ОST - Албанија, ЕSM - Србија и CGES - Црна Гора) и истата изјава беше усогласена и со КОSТТ (Косово), кои воедно беа поканети да пристапат заедно со другите оператори од регионот. Оваа декларација, овозможена од ENTSO-E, вклучува нова сеопфатна рамка за соработка на преносните оператори од Западен Балкан во рамките на Југоисточна Европа. Овој документ е најдоброто можно решение, кое ги зема предвид потребите и ралната состојба на сите земји на Југоисточна Европа, во согласност со законодавството на Европската Унија и Енергетската Заедница. Со декларацијата се отвора можноста за техничка и пазарна организација во областите за координирани операции на електроенергетскиот систем, како и тргување и аукција на електрична енергија, поврзувајќи ги ТСО-а од Западен Балкан со веќе организираните пазари на Централна и Југоисточна Европа.
‣ Клучните резултати од декларацијата вклучуваат:
· Зајакнување на енергетската безбедност и интеграција на пазарот на електричната енергија.
· Дефинирање на нови законски рамки за беспрекорна регионална координација.
· Обезбедување ефективна алокација на капацитетите, управување со застојот и поделба на приходите.
Овој договор создава можност за забрзано спојување на пазарите во југоисточна Европа. Ваквото спојување на пазарите е еден од главните предуслови кои земјите од Западен Балкан мора да ги исполнат за да добијат изземање од надоместокот за јаглеродно гранично приспособување на Европската Унија.
Оваа заедничка декларација овозможува реален и заеднички пат за иднината на Југоисточна Европа во рамките на европскиот енергетски систем.