Со симболично вклучување на прекинувачот, генералниот директор на АД МЕПСО г. Зуди Енуз го пушти во употреба новиот далековод кој ги поврзува трансформаторските станици во Велес и Овче поле.Станува збор за капитален инфраструктурен проект кој опфаќа изградба на нов далекувод на постоечката траса на далекуводот стар повеќе од 60 години.
Далекуводот е изграден за точно една година и еве денеска го пуштаме во функција на граѓаните и стопанството од велешко-светиниколскиот регион, како дел од инфраструктурата неопходна за стабилно и доверливо снабдување со електрична енергија, рече директорот Енуз.
Со доследно спроведување на заложбите за континуирано и стабилно напојување со електрична енергија, додаде тој, нашата компанија продолжува со исполнување на зацртаните цели за нова и модернизирана преносна мрежа која е клучен фактор во услови на растечки тренд на изградба на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Овој проект е само уште еден во низата на успешно реализирани проекти во текот на изминатава година и претставува автентична потврда на постигнатите резултати зад кои стојат вработените на АД МЕПСО.
110 kV далекувод ТС Велес-ТС Овче поле е со должина од 20,94 км и е поставен на 83 челично решеткасти столбови.
Изградбата на новиот далекувод чини 2,3 милиони евра од кои дел се сопствени средства на АД МЕПСО, а дел се заем од ЕБРД. Изведувач на работите беше Конзорциум на Далековод, Загреб и ЕЛНОС, Бања Лука , а надзорот на градбата го вршеше Столб ДООЕЛ од Битола.