Годишниот финансиски извештај, Годишниот извештај за работењето на АД МЕПСО за 2023 година, како и работењето на Управниот и на Надзорниот одбор на Друштвото за 2023 година, беа дел од точките кои беа разгледувани на Годишното Собранието на акционери. На Собранието се зборуваше и за состојбата во Друштвото која ја затекна новиот менаџмент во август 2024 година, а беа објaснети и чекорите кои се преземаат за консолидирање на компанијата, кратење на непродуктивни трошоци и зајакнување на капацитетите преку реализација на развојни проекти.
Наш врвен приоритет претставува развојот на преносната мрежа инвестирајќи во унапредување на мрежата, при тоа насочувајќи се кон продуктивни трошоци. Работиме на неколку клучни проекти за да го зголемиме капацитетот за прифаќање на нови извори на енергија и воедно да овозможиме на граѓаните доверливо и сигурно снабдување со електрична енергија Започнуваме нов циклус во модернизацијата и надградба на електропреносниот систем во земјата, истакна генералниот директор на АД МЕПСО, проф.др.Бурим Љатифи.
Подетални информации беа изнесени за раскинувањето на Договорот за изградба на интерконективниот далекувод од Битола до Елбасан, при што беше потенцирано дека веќе се работи на постапка за ретендерирање врз основа на правилата на ЕБОР како заемодавач на средствата за изградба на овој капитален проект.
Љатифи го презентираше и планот за реализација на позначајните проекти во текот на следната 2025 година како што се финиширање на трансформаторската станица во близина на Охрид, реконструкција на 110 кВ далекувод ТС Скопје 4- ТС Велес, зајакнување и модернизација на 110 кВ коридор од Гостивар преку Кичево и Сопотница до Битола, изградба на нова трансформаторска станица во Милетково како и инсталирање на нов SCADA систем во Националниот диспечерски центар. Во насока на зајакнување на прекуграничните капацитети, долгорочните планови на АД МЕПСО опфаќаат надградба на 400 кВ интерконекција Битола- Лерин, дигитализација на трансформаторските станици, максимизирање на ефикасноста на критичните коридори со воведување на технологија Dynamic Line Rating, напредокот во интеграцијата на пазарот на електрична енергија преку пазарното поврзување со Грција, Албанија и Косово, создавајќи обединет регионален пазар со кој би зголемила адекватноста на македонскиот електроенергетски систем, а со тоа и можност за дополнителна интеграција на обновливи извори на енергија.