Стари објекти, командни згради изградени уште во далечните 70-ти години од минатиот век, без термоизолација и со релативно лоши работни услови. Наскоро ваквите слики во трансформаторските станици 400/110 kV ТС Скопје 4, 400/110 kV ТС Скопје 1/5 и 400/110 kV ТС Дуброво, ќе останат во минатото. Дел од менаџерскиот тим на компанијата денеска одблиску ги виде условите во кои работат 100-на вработени во трите најважни трансформаторски станици во земјата.
Како ново раководство, се соочивме со голем број на постапки за јавни набавки кои не беа од суштинско значење за потребите на МЕПСО. Во духот на оптимизација, одлучивме средствата од овие постапки да ги пренасочиме кон реконструкција на командните згради на клучните трансформаторски станици во Македонија, и тоа ТС Скопје 1/5, Скопје 4 и ТС Дуброво, кои се изградени пред повеќе од четириесет, педесет години. Со овие проекти ќе овозможиме значително подобрување на енергетската ефикасност и намалување на сопствената потрошувачка, што дополнително ќе придонесе кон економичноста на системот. Од друга страна, преку реновирање на објектите, ќе обезбедиме поквалитетни и пристојни услови за работа на диспечерите и останатиот технички персонал во трафостаниците, што е клучно за нивната безбедност и продуктивност, рече пред вработените, генералниот директор на АД МЕПСО Бурим Љатифи.
Со реконструкција, санација и модернизација на објектите, не само што ќе се подобрат енергетските карактеристики на зградите и ќе се интегрираат обновливи извори на енергија, туку ќе се намалат трошоците за греење, ладење и осветлување, ќе се создадат квалитетни услови за работа и непречен пристап на лица со попреченост.
Командната зграда во ТС Скопје 4, во населбата Пинтија е изградена далечната 1976 г. Оваа станица е исклучително значајна за снабдување со електрична енергија на потрошувачите( домаќинства и компании) во скопскиот регион, индустриската зона Бунарџик, аеродромот и централното градско подрачје.
ТС Скопје1/5 во населбата Бутел е во употреба веќе 57 години. Трафостаницата напојува 50 % од конзумот на Скопје. На неа е поврзана когенеративната термолектрана Те- То, а од тука тргнуваат и 400 kV интерконективен далекувод кон Косово и 400 kV далекувод кон ТС Скопје 4.
Преку 400/110 kV ТС Дуброво нашата држава има интерконективно поврзување со соседна Р. Грција и со Р. Бугарија преку ТС Штип. ТС Дуброво е енергетски поврзана со ТС Битола 2 и ТС Скопје 4 а од тука тргнуваат далекуводите кон ТЕЦ Неготино, ТС "Бучим", ТС "Валандово" , ТС "Кавадарци" , Фени 1 и Фени 2.
Во насока на оптимизација на трошоците и содавање подобри услови за работа, новиот менаџерски тим планирана реконструкција и на трафостаниците од 110 кV напонско ниво : ТС Битола 1, ТС Велес, ТС Кавадарци, ТС Самоков и ТС Скопје2.