Во последниве три години во МЕПСО се евидентирани повеќе од 70 барања за приклучоци на обновливи извори на енергија на преносната мрежа, со вкупна моќност од 8000 MW. На краткорочен хоризонт, македонскиот електропреносен систем може да интегрира и до 1500 MW енергија произведена од ОИЕ, истакна генералниот директор на АД МЕПСО, Syrija Rashidi на енергетскиот форум, МЕФ 23. Во воведните зборови од Панелот на кој фокусот беше ставен на финансирањето на енергетската транзиција, Рашиди потенцира дека во насока на успешна транзиција кон чиста енергија и интегрирање на ОИЕ, МЕПСО инвестира вo подобра преносна инфраструктура и обезбедување на флексибилност на системот.
Финансирањето на енергетската транзиција во државата бара повеќеслоен пристап кој вклучува инвестиции и од јавниот и од приватниот сектор, како и поддршка од банкарскиот сектор. Од клучно значење е да се даде приоритет на одржливи и ефективни стратегии и да се осигура дека сите финансиски инструменти се достапни и за јавниот и за приватниот сектор. Само со правилни политики и инвестиции, можеме да преминеме кон одржлива енергетска иднина која е од корист и за животната средина и за општеството, рече пред присутните Рашиди.
Американската амбасадорка Ангела Агелер повика итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурси потенцирајки дека Европа и Северна Македонија се на крстосницата на неколку горчливи енергетски прашања, а вицепремиерот Фатмир Битиќи порача дека сите политики и мерки што ги креира државата во енергетскиот сектор денес, ќе имаат големо влијание врз иднината на нашата економија и енергетската безбедност на идните генерации.
Тема на дводневниот Форум е “Подобрување на триаголникот Политики-Финансии-Енергетска технологија за енергетска отпорност и зелена транзиција”. Овој енергетски форум шеста година по ред на едно место ги собира претставниците на домашните и странски енергетски компании, функционери од целиот регион, меѓународни организации и други чинители од енергетската сфера кои разменуваат знаења и споделуваат иновативни пристапи, достигнувања, трендови и стратегии за решавање на клучни енергетски прашања и проблеми.