АД МЕПСО оствари значаен меѓународен исчекор станувајќи првиот оператор на електропреносен систем од Западен Балкан кој пристапи кон регионалниот координациски центар SELENE (www.selene-cc.eu).
Ова достигнување беше истакнато во рамките на учеството на МЕПСО на работилницата SEE CCR TSOs Integration & Security Coordination Workshop, која се одржа на 17 и 18 јуни 2026 година во Солун. Настанот ги обедини операторите на преносни системи од Југоисточна Европа, со цел унапредување на оперативната сигурност преку регионална координација на работата и управувањето на интерконектираната преносна мрежа.
Тимот на МЕПСО на настанот беше предводен од генералниот директор, г-дин Бурим Латифи, што дополнително ја потврдува стратешката важност на учеството и заложбата на компанијата за активно учество во европските процеси на енергетска транзиција.
Работилницата опфати клучни теми поврзани со интеграцијата на операторите во SEleNe CC, техничкиот напредок, како и проверка на усогласеноста со европското законодавство. Беа презентирани и резултатите од тестирањето на надградените методологии за сигурност за проширениот мрежен регион (CCC Interim Solution), Операторите ги анализираа клучните наоди, идните чекори и предлози за унапредување на заедничките процеси.
Во рамките на дискусиите беше истакнат напредокот на МЕПСО во процесот транспонирање на европските регулативи, интерна реорганизација и дигитална трансформација во насока на неговото пристапување кон SELENE како важна пресвртница за регионот. МЕПСО интегрира во своето работење напредни европски алатки за моделирање и анализа, кои ќе придонесат за поефикасно оперативно планирање на преносната мрежа, подобра интеграција на обновливите извори на енергија и зголемена регионална координација.
Со ова достигнување, МЕПСО ја зацврстува својата позиција како модерен и проактивен оператор, посветен на сигурен, стабилен и одржлив развој на електроенергетскиот систем и на унапредување на регионалната и европската соработка.



