Генералниот директор на МЕПСО, доц.др Бурим Љатифи учествуваше како панелист на МЕФ 2026, на сесијата „From Reform to Delivery: Building a Competitive and Resilient Energy Future“, каде ги претстави клучните инвестициски и развојни проекти на компанијата насочени кон зајакнување на електропреносната мрежа и поддршка на енергетската транзиција.
Во своето обраќање тој се осврна на источно-западниот електроенергетски коридор, регионална иницијатива во која С.Македонија има значајна улога. Во рамки на националните планови предвидени се 18 проекти со вкупна вредност од околу 350 милиони евра, меѓу кои нови 400 kV далноводи, трафостаници и интерконекции што ќе овозможат поголема поврзаност и преносни капацитети во регионот.
„Регионалната соработка во енергетиката не е избор, туку неопходност. Преку интерконекции и координација меѓу операторите можеме да обезбедиме поголема сигурност во снабдувањето, подобра интеграција на обновливите извори на енергија и поефикасно користење на преносните капацитети. Регионалната оптимизација е поефикасна и поисплатлива од националната изолација“, истакна директорот на МЕПСО.
Тој ги издвои и проектите за изградба на интерконекцијата Битола – Елбасан, новата 400 kV трафостаница Милетково, како и планираните инвестиции во модернизација и ревитализација на преносната мрежа. Паралелно, МЕПСО продолжува со активности за дигитализација на системот, воведување современи системи за управување и зајакнување на сајбер-безбедноста.
Според Љатифи, овие инвестиции ќе придонесат за поголема сигурност и стабилност на електроенергетскиот систем, зголемена интеграција на обновливите извори на енергија и натамошно јакнење на регионалната енергетска поврзаност.







