Во рамките на билатералната средба меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Хрватска, предводени од премиерите Христијан Мицкоски и Андреј Пленковиќ, беше потврдено стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и посветеноста за продлабочување на соработката во клучни области од значење за економскиот, инфраструктурниот и енергетскиот развој.
" По потпишувањето на Договорот за стратешка соработка меѓу двете влади, имав задоволство да учествувам на сесијата за економски дијалог и вмрежување меѓу институционалните претставници и бизнис-заедницата, каде што беа разгледани конкретни можности за нови инвестиции, проширување на економската соработка и зајакнување на врските меѓу јавниот и приватниот сектор. Во својство на директор на МЕПСО, ја истакнав стратешката важност на развојот на енергетската инфраструктура и дигиталната трансформација на системот за пренос на електрична енергија, како предуслов за зголемување на енергетската сигурност и стабилност, како и за подлабока интеграција во европските енергетски пазари. Во овој контекст, нагласив дека нашиот моментален фокус е насочен кон проектите за регионално поврзување, особено интерконекцијата со Република Албанија преку изградба на трансформаторска станица и далекувод , два стратешки проекти што ги реализираат хрватски компании со меѓународен углед, како „Dalekovod Zagreb“ и „Končar Group“. Исто така, истакнав дека, врз основа на моето професионално искуство, добро ја познавам важноста на странските инвестиции и нивната клучна улога во развојот на јавните институции и приватните компании, преку придонес кон модернизација, зголемување на капацитетите и подобрување на економските перформанси", рече Љатифи.
Оваа продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска претставува важен чекор кон зајакнување на стратешкото партнерство, развој на регионалната енергетска инфраструктура и создавање поповолна клима за одржливи инвестиции и долгорочен развој.







