Темата “Искуства и предизвици од воведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглеродната граница – CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism)” беше о фокусот на панел-дискусијата што се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии ( ФЕИТ), во организација на Здружението на енергетичари – ЗЕМАК. Панелот, модериран од претседателот на ЗЕМАК, Борко Алексоски, беше посветен на импликациите од примената на овој механизам, кој стапи на сила од 1 јануари годинава, како и на неговото влијание врз енергетскиот сектор и индустријата.
Во рамки на дискусијата, Никола Панговски, раководител на Службата за пазар на балансна енергија во АД МЕПСО, одржа презентација за “Влијанието на СВАМ на работењето на АД МЕПСО”. Во своето излагање, тој се осврна на ефектите од овој механизам врз пазарот на електрична енергија, истакнувајќи дека, иако АД МЕПСО не е директно засегнат од имплементацијата на СВАМ, сепак е важно навреме да се укаже дека веќе се забележуваат одредени последици врз управувањето на електроенергетскиот систем.
ЕУ-регулативата 2023/956 предвидува плаќање на т.н. јаглеродна давачка за вградените емисии на стакленички гасови (GHG) во производите што се увезуваат на пазарот на Европската Унија. Овој механизам е комплементарен со Системот за тргување со емисии на ЕУ (EU Emission Trading System – EU ETS), преку кој се наплатуваат емисиите на стакленички гасови од постројките во рамки на Унијата.
Воведувањето на CBAM се очекува да има значително влијание врз социо-економската слика на земјите кои не се членки на ЕУ, во зависност од нивниот извоз на производи опфатени со CBAM, како и од степенот на декарбонизација на индустриите во тие земји.
Периодот од октомври 2023 година до 31 декември 2025 година беше преодна фаза за компаниите од шесте сектори опфатени со СВАМ, додека од 01 јануари 2026 година започна неговата целосна примена.
Во меѓувреме, постои инцијатива од страна на Европската комисија, подржана од ЕНТСО-Е, за ослободување од плаќања по CBAM механизмот за т.н несакани отстапувања на преносните оператори од земјите кои не се членки на Европската Унија.
На панел-дискусијата освен од АД МЕПСО, учествуваа претставници од МЕМО, Макстил, Министерство за енергетика,рударство и минерални суровини, Царинската управа и други. Тие дискутираа за искуствата, предизвиците и можните решенија поврзани со имплементацијата на CBAM.




