На 1-ви Февруари стапија на сила новите Правила за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во електропреносната мрежа, донесени согласно Законот за енергетика и објавени во Службен весник на РСМ бр. 9/2026 г. Врз основа на пропишаните процедури, пазарни принципи и критериуми утврдени со Правилата, веќе е реализирана првата набавка на електрична енергија за периодот февруари–март 2026 година.
Овие Правила имаат за цел прилагодување на АД МЕПСО како пазарен учесник, како од законски така и од комерцијален аспект, особено во делот на набавка на електрична енергија за покривање на системските загуби. При нивната изработка се имаше предвид, тие да се донесат на транспарентен начин и да се недискриминаторски за било кој учесник на пазарот кој согласно Правилата, може да се јави како понудувач на електрична енергија за покривање на загубите.
Суштинските измени во однос на старите правила се однесуваат на:
- Давање можност за набавка на електрична енергија во повеќе временски периоди во текот на денот. Ваквата можност за повеќе преиодичен дневен дијаграм за загуби од една страна, му овозможува на МЕПСО подобро планирање на потребите, поголема прецизност во прогнозите и намалување на финансиските трошоци, а од друга стана, на понудувачите им дава можност да доставуваат понуди за периоди за кои тие располагаат со определени количини на електрична енергија.
- Се укинува коефициентот на модулација, кој согласно старите правила, претставуваше ограничувачки фактор за учество на одредени понудувачи. Оваа измена овозможува поширок опфат на учесници и поголема флексибилност во понудите.
- Минимална понуда на електрична енергија од 1 MW. Понудувачите имаат можност да доставуваат понуди на енергија колку што имаат, за период по сопствен избор. Со ова, се зголемува можноста за учество на помалите пазарни субјекти кои имаат сопствено производство инсталирано во нашата држава со што дополнително се поттикнува конкурентноста.
- Креирање на листа на понуди (merit order list)
По добивање на понудите, се креира листа на најповолни понуди со цени и количини за секој период за кој е побарана електрична енергија. Изборот се врши така што се земаат предвид најповолните понуди (EUR/MWh), сè до исполнување на потребната количина електрична енергија барана за соодветниот период.
Примената на новите Правила за набавка на електрична енергија за покривање на загубите, носи значајни оперативни и економски придобивки за АД МЕПСО, како зголемена флексибилност, подобро планирање и управување со загубите, зголемен број на понудувачи и намалување на трошоците и дебалансите.
Ефектите од новите Правила веќе се потврдени со првата реализирана набавка на електрична енергија за периодот февруари–март 2026 година, при што се постигнаа цени на електрична енергија пониски за околу 10% за февруари и 4% за март во споредба со истиот период во 2025 година.

