Скопје, 28 мај 2025 – Денес, по речиси девет години од потпишувањето на првичниот договор, започна реализацијата на еден од најважните инфраструктурни проекти за енергетската стабилност на државата – подземната оптичка линија што ги поврзува трансформаторската станица Ѓорче Петров, дирекцијата на МЕПСО и електро-термо објектот ТЕТО. Проектот, долг 12 километри, конечно премина во фаза на изведба на терен, отворајќи ново поглавје во дигиталната и безбедносна трансформација на националниот преносен систем.
Иако договорот со Македонски Телеком беше склучен во 2016 година, проектот се соочуваше со правни, технички и административни пречки кои го задржаа неговиот почеток речиси една деценија. Денешниот старт е резултат на целосната ангажираност на новото раководство на МЕПСО, ефективната меѓуинституционална координација и обезбедената поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Надзорот е доверен на компанијата Euro Consulting, а Министерството за транспорт и врски ја издаде потребната градежна дозвола од А-категорија.
Изградбата на оваа оптичка линија претставува технолошки и логистички предизвик. Трасата минува низ урбано подрачје со висока инфраструктурна густина, долж реката Вардар, под мостови и железничка линија, на територија на четири општини. Но придобивките се далекусежни: со оваа инвестиција, МЕПСО го заокружува својот национален безбеден оптички прстен – столб на енергетската автономија, отпорност и дигитална подготвеност на земјата.
Проектот ќе овозможи целосно ослободување од зависноста од приватни телекомуникациски оператори, ќе донесе годишна заштеда од 20.000 до 25.000 евра, и значително ќе го подигне нивото на сајбер и оперативна безбедност. Новата линија претставува основа за современи системи за управување, мониторинг и далечинска автоматизација, што ја прави клучен фактор во идната модернизација на енергетската мрежа.
Завршувањето се очекува во март 2026 година. Денешниот почеток не е само техничка активност – тој е доказ дека кога ќе се постават визија, посветеност и стручност на иста линија, дури и најзаглавените стратешки иницијативи можат да оживеат и да станат двигатели на промената.