Испрати по е-пошта

Работна посета на завршни активности пред пробно пуштање на 110 kV делница Штип - Неокази

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева, присуствуваa на завршните активности на 110 киловолтниот далекувод Штип – Пробиштип по што следува пробното пуштање во работа на делницата што ја поврзува трансформаторската станица Штип со трафостаницата на индустриската зона „Неокази“ во непосредна близина на Пробиштип.


Во изјавата за медиумите по овој повод, премиерот Спасовски истакна дека со овој голем инфраструктурен проект на акционерското друштво во државна сопственост МЕПСО, се подобрува снабдувањето со електрична струја за неколку градови во источниот дел на земјата, а исто така се овозможува директно и квалитетно снабдување со овој енергенс и до индустриската зона „Неокази“ близу Пробиштип.

Воедно тој потенцираше дека со обновувањето и модернизирањето на инфраструктурната електроенергетска дистрибутивна мрежа се создава подобра бизнис клима и се зголемува економскиот потенцијал како значајна основа за актуелните и сите потенцијални инвеститори во регионот.

„Оваа модернизација значи во крајна линија создавање услови на долг рок за подобрување на целокупното општествено живеење. Затоа што редовно и навремено снабдување со квалитетна електрична енергија е основен предуслов за сите сегашни и идни инвеститори да вложат во земјата, да отворат нови работни места, да го зголемиме бруто домашниот производ, и да создадеме поквалитетна сегашност и просперитетна иднина“, подвлече претседателот на Владата Спасовски.

За оваа Влада, посочи премиерот Спасовски е приоритет модернизирањето и зголемувањето на преносните капацитети на електропреносниот систем бидејќи тој е крвотокот на електроенергетскиот систем.

„Од значењето на електроенергетскиот систем произлегува и уникатното стратешко значење на МЕПСО како државна компанија која управува со електропреносниот систем и која во реално време, 24 часа секојдневно, ја контролира стабилноста и размената на електрична енергија со електропреносните системи на сите соседни држави“, истакна премиерот Спасовски.

Тој посочи дека од тие причини, АД МЕПСО ја има целосната поддршка на Владата за континуираното вложување во преносната мрежа и за надградување на системот.

„Тековните инвестиции во преносната мрежа вклучително изградба на нови и модернизации на трафостаници и далноводи изнесуваат 50 милиони евра, и Владата е секогаш подготвена да ги поддржи добрите проекти и со тоа да ја зголеми економската благосостојба на населението во овој регион и во целата земја, што е наша крајна цел“, подвлече премиерот Спасовски.

Министерот за транспорт и врски, Сугарески потенцираше дека инвестициите во електроенергетиката и модернизацијата на преносната мрежа е од огромно значење како за унапредување на стопанството и раст на економијата, така и за секое домаќинство во државата.

„Денес сведочиме на успешна реализација на многу значаен проект кој претставува само дел од тековниот инвестициски циклус и вклучува изградба на нови капацитети и модернизација на постоечки трафостаници“, информираше министерот Сугарески.

Тој воедно наведе дека во моментов се одвиваат обемни активности за модернизација и ревитализација на 6 трансформаторски станици.

„Исто така во фаза на подготовка е изградба на 4 нови далекуводи на постоечките траси, со што, ако го земеме предвид и овој објект каде присуствуваме денес, станува збор за изградба на 150 километри нова далекуводна мрежа“, нагласи министерот Сугарески.

Тој посочи дека она што е особено важно е дека овој инвестициски фронт ќе биде одбележан со проектот за изградба на нов 400 киловолтен далекувод од ТС „Битола“ – ТС „Елбасан“ и проектот за изградба на нова трансформаторска станица кај Охрид.

„Покрај инвестициите во електроенергетиката, со силно темпо работиме на реализација на крупни капитални инвестиции и во делот на патната, комуналната и железничката инфраструктура, интензивно тече изградбата на магистралниот гасовод. Станува збор за најголемите инвестиции во инфраструктурата досега, со вредност од преку 1 милијарда евра“, потенцираше министерот Сугарески, и додаде дека сето тоа значи раст на градежништвото, нови работни места, подобри услови за работа на компаниите, стимулирање на економијата и поквалитетен живот на граѓаните.

Генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева, истакна дека со овој далновод се овозможува стабилно снабдување со квалитетна електрична енергија на новата индустриска зона до Пробиштип и со тоа се остваруваат заложбите на Владата да се подобрат условите во кои работи бизнис секторот и да се создаде подобра економска перспектива за Пробиштип и околните градови.

„Станува збор за реконструкција на 110 kV далновод што беше во функција 48 години, изграден 1972 година и беше поставен на армирано – бетонски столбови. На постоечката траса старите бетонски ги заменивме со нови челично-решеткасти столбови. На нив се поставени нови проводници, овесна и спојна опрема и ново заштитно громобранско јаже со интегрирани оптички влакна“, нагласи директорката Шуклева.

Таа информираше дека реконструкцијата се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а инвестицијата за изградба на далноводот вреди 2,45 милиони евра.

Директорката Шуклева наведе дека вкупната должина на далноводот е 25,2 км и планирано е работите во целост да завршат ова лето во август.

Овој далновод е дел од најголемиот инвестициски циклус во историјата на МЕПСО кој опфаќа: реконструкција на 6 далноводи кои работат на 110 kV ниво, модернизација на 6 трансформаторски станици и изградба на прв далекувод што ќе не поврзе со електропреносниот систем на соседна Албанија и изградба на нова трансформаторска станица кај Охрид.
Објавена на: 5/26/2020 4:00:00 PM