Најважни настани за 2008 година
АД МЕПСО полноправен член на новоформираната единствена европска асоцијација на преносни-систем оператори EHTCO-E
- А.Д. МЕПСО стана полноправен член на новата европска асоцијација на преносни систем оператори ENTSO-E( European network of transmission Sistem Operators for Electricity). Оваа асоцијација е единствена на ниво на Европа, која ќе ги замени сите досегашни асоцијации на преносни систем оператори кои управуваат со државните или националните електроенергетски системи.
Владимир Здравев, генералниот директор на АД МЕПСО го потпиша договорот за полноправно членство на нашиот национален електро преносен систем-оператор со генералните директори на 42 компании преносни систем оператори на електрична енергија од 34 земји на Европа. Состанокот за оформување на EHTCO-E се одржа во Брисел во петок на 19.12.2008 година.
Ова потпишување е чекор до посигурен и поефикасен европски и регионален пазар на електрична енергија, во согласност со Третиот пакет за Пазар на електрична енергија.
Формирањето на ENTSO-E ке ја зајакне соработката меѓу систем -операторите на многу полиња како што се: развој на технички и маркет ориентираните кодови, координација на работата на систем операторите и развој на мрежата. Една од главните цели на оваа асоцијација е да се забрза развојот на европскиот единствен пазар на електрична енергија, што ке придонесе за сигурна и координирана работа на целиот европски преносен систем на електрична енергија.
ENTSO-E ќе работи врз база на консултации со Европската комисија, државните регулаторни комисии за енергетика и сите учесници на пазарот. Работата на ENTSO-E ќе се одвива преку 3 комитета: Комитет за развој, Оперативен Комитет и Комитет за пазар на електрична енергија. Во секој комитет ке бидат застапени претставници од сите региони во Европа. ЕНТСО-Е ке биде подржан од Секретаријат со постојано вработен персонал со седиште во Брисел. Со ENTSO-E ќе раководи генерално собрание кое истовремено ќе ја координира и работата во организацијата. Со потпишувањето на овој договор, Даниел Добени, Генерален Директор на ЕЛИА-Белгија, е избран за Претседател на ENTSO-E за период од 2 години.
ENTSO-E започнува процес на превземање на сите активности на ETSO (European Trasmission Sistem Operators), UCTE ( Union for the coordination of transmission of Electricits, Нордел, UKTSOA (Велика Британија), BALTSO (балтичките држави) и ATSOI (Ирска и Северна Ирска), односно ќе ги обедини сите асоцијации на преносни систем оператори во еден единствен центар кој ќе ја координира нивната работа.
Ставена во функција најголемата инвестиција во високонапонската енергетска мрежа
- А.Д. МЕПСО во декември 2008 година ја пушти во работа најголемата инвестиција во високонапонската електро-енергетска мрежа од осамостојувањето на Република Македонија до сега.
Далеководот свечено го пуштија во работа македонскиот премиер Никола Груевски и Сергеј Станишев, премиерот на Република Бугарија.
Тоа е 400 kV далеководно поврзување меѓу Македонија и Бугарија , далеководот од Црвена Могила кај Перник во Република Бугарија до ТС Штип во Република Македонија. Воедно ова е најголема инвестиција во македонската 400 киловолтна високонапонска електро-енергетска мрежа од 1980 година досега.
Овој далековод е од огромно значење за стабилноста и снабдувањето македонскиот електропреносен систем. Ова е круцијален капацитет и бисер во мрежата на АД МЕПСО. Ова е прво 400 kV поврзување меѓу двете земји. Воедно ова е прво инфраструктурно стандардизирано поврзување на коридорот 8, меѓу Македонија и Бугарија.
А.Д. МЕПСО и НЕК Бугарија оперираат со 400 kV далеководот Штип- Црвена Могила. На македонска територија се поставени се 193 челично-решеткасти столбови на траса долга 71,2 километри од македонско-бугарската граница до Штип, каде се приклучува на далеководното поле во новата трафостаница чија изградба треба да заврши во јуни годинава. Далеководот долг 140 километри и новата трафостаница во Штип се инвестиција вредна повеќе од 32 милиони евра.
Новосоздадени вредности со неговото пуштање во работа се:
- Зацврстување на интерконективните врски на Балканот;
- Воспоставување на 400 kV интерконекциски коридор Исток – Запад во Југоисточна Европа;
- Подобрување на доверливоста и работата на двата ЕЕС и на регионот;
- Зголемување на трансакциите на електрична енергија помеѓу двата електроенергетски системи и подобрено поврзување на земјите во регионот;
- Рационализација при употребата на генераторските капацитети во двата ЕЕС и во регионот;
- Заштеди при инвестирањето во нови генераторски капацитети во двете земји и во регионот;
МЕПСО во период пократок од две години пушта во употреба две 400 kV интерконекции. Во јуни 2007 беше пуштена во употреба втората 400 kV интерконекцијата со Грција.
Пуштен во работа втор енергетски транформатор во ТС Скопје 1/5
- А.Д. МЕПСО во ноември пушти во работа втор енергетски трансформатор во трафостаницата Скопје 1/5 во скопската населба Бутел. Трансформаторот е електроенергетска постројка која врши трансформација од 400 на 110 kV напонско ниво и пренос на електричната енергија меѓу двете напонски нивоа. Овој трансформатор е специјално конструиран за потребите на нашата мрежа.
Изработувач на трансформаторот е конзорциумот Сименс-Кончар, а високонапонската опрема и опремата за заштита и управување со трансформаторот се набавени од шведската компанија АББ преку нејзината филијала во Загреб, Хрватска. МЕПСО инвестира 2,85 милиони евра во трансформаторот, високонапонската опрема (прекинувач, раставувачи и мерни трансформатори) и во опремата за заштита и управување. Од тие пари кредит од Светска банка се 2,23 милиони евра, а сопственото учество на МЕПСО е 0,62 милиони евра.
Овој трансформатор е произведен според најнова технологија и има опрема преку која надлежните лица од МЕПСО он-лајн од компјутер ќе ја следат неговата работа. Освен тоа процесот на управување и на менување на режимот на работа на трансформаторот е автоматизиран и постројката ќе се управува далечински од локален центар за управување.
Со новиот трансформатор ќе се подобрат напонските прилики на 110 kV ниво и ќе се обезбеди постабилна работа на електроенергетскиот систем. Со монтажата и пуштањето во работа на овој трансформатор е завршена втората фаза од проширувањето на оваа трафостаница со уште еден трансформатор. Заради проектираните растечки потреби за електрична енергија на домашната економија и на земјата воопшто, ова е една од мерките кои МЕПСО ги превзема за зголемување на капацитетот и на доверливоста на високонапонската преносна електроенергетска мрежа.
Технички карактеристики
- Номинална моќност 300 MVA
- Номинален напон 400+6-10х1,25/115 kV
- Трансформаторот е опремен со комбинирана регулација на напонот под оптоварување.
- Трансформаторот е тежок 215 тони и содржи 55 тони масло.
А.Д. МЕПСО пушти во работа нова инвестиција во ТС Дуброво
- А.Д: МЕПСО во октомври го пушти во работа новото 400 kV далеководно поле во трафостаницата Дуброво, во близина на ТЕЦ Неготино. Изградбата на новото далеководно поле траеше 12 месеци, а капацитетот во чиј склоп се: прекинувач, раставувачи, мерни трансформатори, одводници на пренапон, систем за заштита, управување и мерење е на површина од 2.500 квадратни метри во склоп на трафостаницата Дуброво. Вредноста на инвестицијата е 585.000 евра. Финансирана со кредитна линија од Европската банка за обнова и развој и е дел од аранжманот за кредитирање на проектот за 400 киловолно електро-енергетско поврзување меѓу Македонија и Бугарија. Изведувач на работите е германски Сименс.
Новото поле е дел од проектот за интерконективно поврзување со Бугарија , со што МЕПСО изгради дел од инфраструктурата за 400 kV далеководно поврзување со источниот сосед. Досега МЕПСО го изгради и 400 kV далековод од Штип до бугарската граница во реонот на Крива Паланка. А во тек е изградба на нова 400/110 kV трафостаница во близината на Штип, која е планирано да биде пуштена во употреба на пролет идната година.
Со овој проект источна и централна Македонија се зголемува капацитетот на електроенергетскиот систем и се подобрува стабилноста на системот со новата 400 kV интерконекција.
Изградба на нова 400/110 kV ТС Штип
- Новата 400/110 kV трафостаница во Штип е нова капитална инвестиција од исклучително значење за високонапонската електро-енергетска мрежа на Република Македонија и во регионот на југоисточна Европа. Оваа инвестиција вредна повеќе од 11 милиони евра е финансирана од сопствени средства на АД МЕПСО и од кредитна линија од Европската банка за обнова и развој. Постројката започна да се гради во почетокот на март 2008 година со план истата да биде завршена и вклучена во електроенергетскиот систем во втората половина на 2009 година. До крајот на 2008 година беа завршени околу 55% од работите потребни за нејзино комплетирање и пуштање во погон. Изведувач на проектот е Сименс А.Е. од Република Грција.
Од аспект на технички критериуми, главни позитивни ефекти од изградбата на новата најсовремена трансформаторска станица ТС Штип 400/110 кV во градот Штип како и од воспоставувањето на интерконективната далеководна врска помеѓу електроенергетските системи на Република Македонија и Република Бугарија со што во целост се заокружува проектот за интерконективно поврзување, можат да се поделат во две нивоа и тоа:
Локални (во рамките на националниот електроенергетски систем):
- подобрување на напонскиот профил во источниот дел на Македонија;
- зголемување на доверливоста и сигурноста на работата на системот;
- намалување на загубите на електрична енергија во преносната мрежа;
- обезбедување на голем капацитет на електрична енергија за редовно и доверливо снабдување на македонскиот електроенергетски систем;
- прифаќање во најсовремената трансформаторска станица со 400/110 kV напонско ниво во Штип на идната инетрконективна врска помеѓу Република Македонија и Република Србија т.е. далеководот Ниш – Штип, што преставува идеен капитален проект на МЕПСО и е од големо значење за Република Македонија и регионов во целост;
Регионални:
- зголемување на сигурноста и доверливоста на работата на системите на регионално ниво;
- воспоставување на директен енергетски коридор меѓу јазли (местата) во регионот со големи енергетски термо и хидро потенцијали;
- трансформаторската станица ТС Штип 400/110 kV се наоѓа во непосредна близина на новата бесцаринска индустриска зона Штип. Со новиот 400 kV далековод и новата трансформаторска станица АД МЕПСО обезбедува перфектни услови и капацитети за редовно, навремено и доверливо снабдување со електрична енергија со висок квалитет и одличен напонски профил на сите странски инвеститори кои ќе ја искористат можноста да вложат во индустриската зона Штип.
МЕПСО меѓу најголемите 100-те компании во Југоисточна Европа
- На ранг листата ТОП 100 А.Д. МЕПСО со приходи од 256,3 милиони евра се наоѓа на 90-то место и е најдобро рангирана македонска компанија од електроенергетскиот сектор
А.Д. МЕПСО е меѓу најголемите 100 компании во Југоисточна Европа според остварените нето приходи од продажба за 2007 година. Ова рангирање е правено за сите компании, со исклучок на тие од финансискиот сектор, и ги вклучува Романија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија, Македонија, Црна Гора, Молдавија, Албанија и Босна и Херцеговина.
На ранг листата ТОП 100 А.Д. МЕПСО со приходи од 256,3 милиони евра се наоѓа на 90-то место и е најдобро рангирана македонска компанија од електроенергетскиот сектор. На листата на Топ 100 компании од Југоисточна Европа, од македонските компании најдобро рангирана е рафинеријата ОКТА на 45 место со приходи од 490,2 милиони евра, пред Макпетрол на 70 место со приходи од 323 милиони евра, па А.Д. МЕПСО (единствена компанија во државна сопственост на ранг листата) и ЕВН Македонија на 93 место со приходи од 249,4 милиони евра. Рангирањето го направи медиумската куќа SEE NEWS во соработка со хрватската канцеларија на светски реномираната консултантска куќа Ronald Berger Strategy Consultants.
МЕПСО инкасира повеќе од 1 милион евра од аукции за алокација на далеководни капацитети
-
Најголем приход од месечна аукција на една граница, досегашен рекорд, е постигнат за мај на македонско-српската граница при што А.Д. МЕПСО инкасира повеќе од 240.000 евра од компаниите трговци кои ги користеа расположливите капацитети на далеководите
АД МЕПСО во 2008 година од аукции за алокација на прекуграничните преносни капацитети инкасираше повеќе од 1,16 милиони евра. Оваа сума е значајно повисока од 2007 година кога од оваа дејност А.Д. МЕПСО инкасира вкупно 300.000 евра.
А.Д. МЕПСО на месечни аукции на компаниите – трговци со електрична енергија ги нуди деловите од капацитетите на своите далеководи кои останале слободни и неискористени откако се задоволени сите месечни потреби, кои е обврзан да ги отстапи А.Д. МЕПСО, согласно електроенергетскиот биланс на домашниот електроенергетски пазар.
Овие месечни аукции се отворени за сите компании кои тргуваат со електрична енергија во нашиот регион. Тие слободните капацитети на далеководите на А.Д. МЕПСО ги користат за снабдување на директните потрошувачи на нашиот пазар и за транзит за пренос на нивната електрична енергија до нивните клиенти.
Компаниите трговци со електрична енергија за алокација на нашата јужна граница на А.Д. МЕПСО за месеците: февруари, март, април, мај, ноември и декември за аукции на македонско-грчката граница платиле над 599.000 евра. При тоа месец со најголеми приходи е декември за кој за алокација на расположиви капацитети А.Д. МЕПСО инкасира над 280.000 евра.
На северната граница А.Д. МЕПСО за март, април, мај, јуни, септември и декември од аукции за алокација на расположивите капацитети од далеководите инкасира повеќе од 560.000 евра. Најголем приход од месечна аукција е постигнат во мај на македонско-српската граница при што А.Д. МЕПСО инкасира повеќе од 240.000 евра од компаниите трговци кои користеа делови од расположливите капацитети на далеководите.
Информации за аукции
- А.Д. МЕПСО во периодот од 1-ви мај до 7-ми септември, 2008 година продаде 36.547 мегават-часови електрична енергија преку аукциите за продажба на ноќни вишоци електрична енергија.
 На аукциите, кои за прв пат во постоењето на македонскиот електроенергетски систем, ги воведе и спроведе А.Д. МЕПСО беа продадени 66,7% од понудените 54.775 мегават-часови електрична енергија. Купувачи на аукциите, кои беа организирани на неделно ниво, беа 8 клиенти од кои две беа домашни компании директни потрошувачи и 6 странски компании регистрирани за трговија со електрична енергија. Поголем дел од понудената енергија купија два домашни клиенти и тие во структурата на продадена енергија учествуваат со 58,2% наспроти шесте странски компании регистрирани за трговија кои купија 41,8% од понудената електрична енергија.  Од продажбата А.Д. МЕПСО оствари приход од 1.396.800 евра. Највисоката цена на лицитациите беше постигната на аукција во јули и таа изнесува 55 евра за мегават-час, а најниската цена беше постигната во мај (кога започнаа да се организираат аукциите) и таа изнесува 29,05 евра за мегават час електрична енергија. На неделно ниво најефикасна продажба е постигната во првата недела на септември кога беа продадени 100% од понудената електрична енергија. Воедно ова беше последната аукција која ја организира и спроведе А.Д. МЕПСО пред да стапат на сила измените на Законот за енергетика по што снабдувањето на електроенергетскиот систем со електрична енергија го превзеде А.Д. ЕЛЕМ.
На месечно ниво најуспешен беше август кога беа продадени 94,7% од понудените количества ноќни вишоци електрична енергија. Следува јуни кога реализацијата изнесува 79,4% пред јули со 53,2% реализација. Најслаба продажба беше регистрирана во мај првиот месец на организирање аукции. Тогаш продажбата изнесуваше 28,7% од понудата на ноќни вишоци електрична енергија.
Според висина на собрани приходи од неделни аукции најдобар месец бил август со реализација од 433.140 евра пред јули со реализација од 403.620 евра и јуни со реализација од 373.829 евра.
Анализата на резултатите покажува растечки тренд што значи раст на приходи од продажба и зголемување на продадени количини ноќни вишоци електрична енергија. Овој тренд е потврда за исправноста на визијата на менаџментот на А.Д. МЕПСО да организира и спроведува аукции за продажба на енергија која претходно се разменувала со соседните електроенергетски системи. Уште една потврда за успешниот модел на А.Д.МЕПСО е фактот дека и менаџментот на А.Д. ЕЛЕМ целосно го превзеде и го спроведува овој модел за продажба ноќни вишоци електрична енергија од домашно производство.
|