Испрати по е-пошта

Лабораторијата на МЕПСО прва во земјава доби меѓународен стандард MKC EN ISO/IEC 17025:2006


Лабораторијата за испитување на изолациски материјали на МЕПСО доби акредитација согласно меѓународниот стандард MKC EN ISO/IEC 17025:2006. Со тоа стана прва сертифицирана лабораторија во земјава за испитување на 10 својства на изолациски материјали што се користат во трансформатори и прекинувачи.

Лабораторијата е сертифицирана за испитување на следниве својства на изолациски материјали: густина, талог, диелектрична цврстина, коефициент на диелектрични загуби, специфичен електричен отпор, содржина на вода, точка на палење, кинематска вискозност, земање примероци за изолациски масла и испитување на квалитет на SF6 гас. Сертификатот за акредитација бр. ЛТ 068 согласно стандардот MKC EN ISO/IEC 17025:2006 овој месец го издаде Институтот за акредитација на Република Македонија. 

Лабораторијата за изолациски материјали е организациски дел од подружницата Оператор на преносната мрежа (ОПМ), во составот на МЕПСО. Лабораторијата за испитување изолациски материјали е основана во 2000 година за периодични испитувања на квалитетот на изолациските масла (трансформаторско масло и масло за прекинувачи). Опремена е со современа опрема за испитување на 10 различни физичко-хемиски карактеристики на маслата. Во 2011 година се опреми и со инструмент за on-line испитување на квалитетот на SF6 гас што се користи како изолациски медиум во прекинувачите.

Оваа година МЕПСО за потребите на лабораторијата набави и гасен хроматограф за следење на состојбата на гасовите во енергетските и мерните трансформатори.
Објавена на: 11/2/2017 12:13:38 PM